
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел предложи ЕУ да го прекине политичкиот дијалог со Израел наведувајќи го како причина „можното кршење на човековите права“ за време на конфликтот во Појасот Газа. Информацијата ја пренесува Ројтерс повикувајќи се на четворица дипломати и писмото во кое имале увид, а кое Борел го испратил до министрите за надворешни работи на ЕУ.
Во писмото Борел изразил „сериозна загриженост за можни прекршувања на меѓународното хуманитарно право во Газа“ и вели дека Израел досега не одговорил доволно за ова прашање.
Политичкиот дијалог со Израел, кој стапи на сила во јуни 2000 година, е вграден во поширок договор за односите меѓу ЕУ и Израел и вклучува широки трговски врски.
„Во светло на горенаведените размислувања, ќе предложам ЕУ да се повика на клаузулата за човекови права за да го прекине политичкиот дијалог со Израел“, напишал Борел во писмото.