
Две години бев без имунитет. Сега категорично нема да го дадам, затоа што треба да си слеп за да не видиш што се случува во моментов, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, за бугарските медиуми во кулоарите на парламентот во Софија, пренесува новинската агенција БГНЕС.
Вчера доцна попладне градското обвинителство на Софија му предложи на главниот обвинител на Република Бугарија да поднесе барање до Народното собрание за одземање на имунитетот на поранешниот премиер.
„Јас би почнал од вчера. Дали службите и министерот (Иван) Демерџиев вчера дознаа за мртвите души или за протекување тајни информации? Зошто вчера? За да нема влада. Зошто вчера побараа да ми се одземе имунитет, а не пред еден месец? Целта е да нема влада, јасно и прецизно“, вели Борисов.
Прашан дали е подготвен да формира влада по секоја цена, лидерот на ГЕРБ кажа дека останува на ставот даден претходно.
„Ако ги вратите моите изјави од пред извесно време, јас реков дека треба да има влада, редовно избрано, парламентарно мнозинство, на нормална парламентарна република. Разговаравме три месеци, шест месеци, стручно, од повеќе партии и останувам на ова мислење…Денеска повторно ќе се сретнеме со Продолжуваме со промените (ПП), бидејќи хаосот во државата е веќе тотален“, рекол тој.