Брисел и Берлин очекуваат резултати од обновениот дијалог меѓу Скопје и Софија

Новиот импулс во односите меѓу Бугарија и Северна Македонија по посетата на бугарскиот премиер е добар знак за почетокот на преговори со Европската унија. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вчера го поздрави воспоставениот дијалог на ниво на премиери меѓу двете земји и истакна дека Брисел силно го поддржува овој процес.
Во телефонски разговор со премиерот Димитар Ковачевски, Фон дер Лајен нагласи дека таа лично, но и целата Комисија се спремни да помогнат со цел што побрзо одржување на првата меѓувладина конференција со Република Северна Македонија.
И висок дипломатски извор од ЕУ за МИА оцени дека посетата на премиерот на Бугарија Кирил Петков на Скопје оваа недела претставува отворање помеѓу двете страни.
– Не сакам да зборам на место на лидерите, но гледаме отворање, ние како претседателство бараме конкретизација за да можеме да ги отвориме преговорите за членство, не само со Северна Македонија туку и со Албанија штом условите се исполнети, објасни овој висок дипломат во Брисел.