Британскиот совет во Северна Македонија ги поканува креативните продуценти на бесплатна онлајн обука

Британскиот совет во Северна Македонија го објавува почетокот на отворениот повик за учество во програмата за обука на креативни продуценти. Се покануваат кандидатите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија и Србија) да ги испратат своите пријави до 22 ноември 2021 година. Вкупно 20 продуценти од регионот на Западен Балкан ќе бидат поканети да учествуваат во програмата.
Програмата за двонеделната бесплатна онлајн обука е дизајнирана да ги развие креативната продукција како професија и добрите уметнички практики во сите вклучени земји и Обединетото Кралство. Британскиот совет сака да ги мотивира новите креативни продуценти и да поттикне уметничко експериментирање и работа со разни уметнички форми.
Учесниците на програмата ќе се стекнат со вештини за дизајнирање креативна проектна идеја и ќе научат како поефикасно да ја пренесат својата идеја до целната публика и засегнатите страни. Тие исто така ќе научат каде, кога и како ќе се одвива практичната реализација. Најдобрите проектни идеи ќе добијат финансиска поддршка и менторство.
Фасилитатор на програмата е уметничката и креативна продукциска компанија Curated Place од Обединетото Кралство, којашто е специјализирана за меѓународни јавни програми, големи јавни инсталации, оригинални дела, развој на уметници, музичка стратегија, настани и одржлива испорака на продукција.
Доколку се заинтересирани да учествуваат во програмата, кандидатите треба да го пополнат формуларот за пријавување на веб-страницата на Британскиот совет до 22 ноември 2021 година во 23:59 часот. Изборот на пријавите ќе биде објавен на 6 декември 2021 година.
За дополнителни прашања и информации за медиумите, контактирајте го Стефан Јокановиќ на [email protected]