Брнз: Францускиот предлог ги почитува македонскиот идентитет и јазик

Кога се работи за пристапувањето во Европската Унија тоа е разговор кој треба да го водат Северна Македонија и Унијата, а Вашингтон отсекогаш го поддржувал пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ, порача во интервју за МИА, американската амбасадорка, Кејт Мари Брнз и изрази надеж дека францускиот предлог ќе биде компромис што ќе ги отвори следните чекори.
На прашањето дали САД се запознаени со содржината на протоколот и дали е тој нешто за кое македонските граѓани треба да бидат загрижени, амбасадорката одговори дека САД на процесот гледа одвоенo и секогаш истакнувале дека билатералните прашања треба да бидат решавани надвор од преговарачката рамка.
„Нашата позиција е многу јасна, нашата оценка е дека предлогот го штити интересот на Северна Македонија во пристапниот процес. Тоа е наше и мислење на нашите експерти. Билатералниот протокол за кој говорите, до некаде изгледа дека е споен во овие два процеса. Билатерален договор меѓу Скопје и Софија треба да има. Слушнавме како некои нешта се нафрлаат. Мислам дека ова е дел од забуната, тоа што напоменавте дека јавноста не е сигурна какви ќе бидат тие дискусии. Ќе има посебни дискусии, и мислиме дека тие прашања треба да бидат решени на билатерална основа и тоа го кажавме уште на почетокот. Секако не само за влезот во ЕУ, туку и за вашата долгорачна стабилност важно е тие прашања да се решат“, истакна Брнз.
Според Брнз, Северна Македонија се соочува со специфична одлука што треба да ја донесе – дали предлогот ставен на маса е добар за одење напред и дали тој предлог го почитува македонскиот идентитет и јазик.
„Според наше мислење да, го почитува. Имаше неколку изјави, не само од високи ЕУ лидери, туку и од лидери на земји членки кои исто така ја признаваат вредноста на овој предлог, тоа што го признава македонскиот јазик и идентитет. А тоа е важно за граѓаните на Северна Македонија, да размислат додека ја носат оваа одлука и тоа е одлука што тие ја носат“, вели Брнз.