Бројот на невработени е зголемен за 43 000 од почетокот на пандемијата

Расте бројот на невработени. Во моментов во Македонија има 151 359 невработени лица. Податоците на Агенцијата за вработување покажуваат дека од почетокот на пандемијата бројот на невработени е зголемен за 43 627 лица, но според директорката на Агенцијата Билјана Јовановска без работа во анализираниот период останале близу 15 илјади лица. Разликата од околу 30 илјади невработени Јовановска ја објаснува со фактот што голем дел од неактивните баратели на работа кои не се евидентираат, при објавување на некоја владина мерка која нуди државна помош се пререгистрираат во активни баратели на работа и така имаат шанса за добивање државна помош.
„Лица на кои им престанало пријавувањето на задолжително пензиско осигурување се 14 819 лица. Останатите лица кои дојдоа на евиденција како невработени се дојдени по повеќе основи. Невработени кои подолг период не биле евидентирани во агенцијата за вработување, лица кои за прв пат се евидентираат како што се младите до 29 години“, вели Билјана Јовановска директорка на Агенција за вработување.
Најголем дел од лицата кои останале без работа доаѓаат од преработувачката индустрија. Следува дејноста трговија на големо и мало, потоа секторот објекти за сместувања и сервисни дејности. Според периодот, најголем дел од отказите биле поделени во месец април.
Иле Петревски