Бројот на запишани првачиња во струшките училиштата за разлика од лани, е намален за скоро две паралелки
Бројот на запишани првачиња во струшките училиштата за разлика од лани, е намален за скоро две паралелки

Речиси две паралелкu со првачиња помалку од септември ќе има во струшките основни училишта. Ако ланската година се запишаа 508 ученици, во новата учебна година според досегашните бројки ќе има 467 првачиња, што е за 41 помалку од лани. Од нив 286 се на албански наставен јазик, 172 на македонски и само 9 на турски јазик. Две училишта во поодалечените села, Поум и Јабланица, ќе останат без прваче. Но ситуацијата не е ништо подобра и во поголемите селски средини. На пример во едно најголемите села, Велешта се запишани само 20 првачиња, во Делогожда 19 , а во Радолишта, заедно со подрачните училишта во Теферич, Франгово и Заграчани, бројката е вкупно 43. Од Општина Струга се надеваат дека ситуацијата ќе се подобри до септември.
„Во контакт со директорите на сите Основни училишта, се очекува во втората фаза на запишување да има дополнителен број на запишани првачиња“,велат од Сектор за образование Општина Струга.
Во училиштето во селото Калишта ќе има само 8 првачиња, додека поголем број ќе има во Браќа Миладиновци во Струга и тоа 80 на албански јазик, 44 на македонски и 9 на турски. Во Лабуништа, од септември ќе учат 22 првачиња на македонски и 65 на албански јазик. Наставникот во пензија Зини Јусуфи се потсетува на убавите денови, кога струшките училишта биле полни со ученици.
„Навистина за убавите денови кога работевме како наставници кажува фактот што пред 10 години и повеќе, секое училиште имаше по три и четири паралелки со првачиња, а училиштата беа полни со ученици и со детски џагор и родители, кои ги носеа своите деца. Последните 10 години загрижувачки е фактот што се намалува бројот. Бројката паѓа драстично од година во година и мора да се најде излез“, рече -Зини Јусуфи-наставник во пензија.
Јусуфи вели дека во последната деценија бројот на првачиња во струшко е намален за 60%. Според него има училишта кои се соочуваат со опасност да бидат затворени.
„Најдрастично каде може еден ден да биде ставен катанец на врата се училиштата Реџеп Фејза во село Џепин, Бајрам Шабани во Поум и училиштетот во селото Богојци, бидејки нема деца, а нема и жители“, додаде -Зини Јусуфи-наставник во пензија.
Слично е и во Охрид, каде се запишани 422 првачиња, што споредбено со минатата учебна година е помалку за 13, кога беа запишани 435, додека во учебната 2023/2024 година бројот на запишани првачиња бил 445, а во однос на 2021/2022 година, бројката е помала за 82 првачиња./Алсат.мк
Мики Трајковски