Бројот за итни случаи 112 од денеска ќе се користи и кај нас

Европскиот број за итни случаи 112 од денеска се пушта во употреба и за македонските граѓани, кои во итен случај, со вртење на бројот 112, во најкраток можен рок ќе ги добијат услугите на полицијата, итната медицинска помош или противпожарната бригада, од каде било во државата.
Итниот број 112 е предвиден како додаток на постојните броеви за итни случаи и како едношалтерски сервис за сите потреби на граѓаните.
Воспоставувањето на целиот систем на бројот 112 за итни случаи беше поддржано од Европската Унија со 2,3 милиони евра, вклучувајќи хардвер, софтвер, како и стручна помош. Директен корисник е Центарот за управување со кризи.
На настанот за официјално пуштање на бројот ќе се обратат премиерот Димитар Ковачевски, евроамбасадорот Дејвид Гир, директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов, а преку видеопорака и потпретседателот на бордот на EENA, Младен Вратоњиќ.
Воедно ќе бидат презентирани и резултатите на проектот постигнати за времетраењето на неговото спроведување во Центарот за управување со кризи.