Брзорастечката инфалција ќе запре да расте во 2023 година

Очекувањата на граѓаните во новата 2023 година се дека конечно ќе запре брзорастечката инфлација, и ќе има ценовна стабилизација. Такви се и прогнозите на Народната банка, институција која објави дека следува период на намалување трошоците за живот на граѓаните. Последните проекции на Централната банка покажуваат дека 2022 заврши со инфлација од 14,3 отсто. За годинава се посочува дека ќе има стабилизирање и нормализирање на состојбите, меѓутоа повторно ќе има висок процент од девет отсто на инфлацијата. Во 2024 година се очекува намалување на овој инфлаторен шок кога инфлацијата би се симнала на 2,5 отсто а веќе во 2025 година таа може да падне и под два проценти.
„Народната банка соодветно реагира на притисоците кои од меѓународните пазари на примарни производи, односно основни прехрамбени производи и енергенти, се пренесуваат на домашните цени и нагорно ја придвижуваат инфлацијата. Неизвесноста и понатаму останува висока, оттаму Народната банка и понатаму продолжува да ги следи меѓународните и домашните движења и доколку е потребно, соодветно ќе реагира“, наведуваат од НБРМ.
Најголемата мака за граѓаните во годината која измина беа ценовните шокови. Граѓаните реагираа по секое пазарење. Се започна со поскапувањето на маслото за јадење. Од цени кои не надминуваа 60 денари за едно литро зејтин кон средината на ланската година овој основен продукт се продаваше и над 150 денари. Следуваше период на вртоглаво зголемување на сите прехранбени производи.
„Сѐ е поскапено се, леб, зејтин, млеко“…
„Со 10 илјади денари, што да се купи, а ние сме 6-мина. Владата мисли само за луѓето околу неа, за друго не мисли“, реагираат граѓаните.
Со мерката за субвенционирана струја за прехранбениот сектор граѓаните очекуваа дека веднаш ќе добијат поевтина храва во маркетите и пекарите, но тоа не се случи. Трговците се правдаа дека имаат залихи кои ги купиле скапо а пак производителите продолжија со своите жалби, овој пат дека им се скапи суровините за добивање на готов производ. Од владата им се заканија дека доколку во периодот што следи не видат промена на цените на нивната врата ќе затропаат инспекторите.
„Владата има механизам за следење преку надлежните инспекторати за тоа како се движат цените на услугите и доколку воочи дека трговците не ги намалуваат цените на своите производи, има механизми кои и стојат на располагање за ограничување на цените или на маржите како што е направено и претходно“, рече Виктор Андонов, владин советник за енергетика.
Во октомври лани ССМ ја објави реалната вистина, за една година животот на едно четири члено семејство е поскапо во однос на истиот месец 2021 година за 17 илјади денари, истите производи и услуги за кои домаќинствата плаќале 34 500 денари, чинеле 51 500 денари.
Иле Петревски