Бубевски, нов шеф на скопското Обвинителство

Советот на јавните обвинители унапреди пет обвинители. Дел од предметите на кои досега работеле и ги застапуваат пред суд сега унапредените обвинители, не ја донесоа правдата до крај. Обвинителите на згаснатото Специјално обвинителство, Гаврил Бубевски и Стефчо Донев добија нова и поклучна улога во Јавното обвинителство. Бубевски од сега ќе раководи со најголемото, скопското обвинителството. Донев доби повиско унапредување, стана Виш јавен обвинител во Штип.
Бубевски беше дел од обвинителскиот тим во повтореното судење на предметот „Монструм“, а го застапуваше и „Тенк“ против Груевски и Јанкуловска за набавката на мерцедосот, за кој добија затворски казни. Тој го застапуваше и предметот „Труст“, случај во кој бизнисменот Сеад Кочан беше осуден на 4 години и 8 месеци затвор. Предметот „Труст“ беше првиот во кој беше пресудено осудените да вратат и парична сума на државата – односно 17,3 милиони евра, но парите никогаш не легнаа на државна сметка.
Милионите кои загснатата фирма „Трансмет“ на Кочан ги доби со тендер на РЕК Битола за ископ на јаглен и јаловина останаа заглавени.
Државата и ден денеска не може да ги врати, бидејќи дел од парите, околу 15 милиони евра се ставени под хипотека. Обвинителот Стефчо Донев во јавноста и судската фела е познат и по предметите „Тендери“ и „Триста“. Случајот „Тендери“ сè уште се суди, неколкупати почнуваше од почеток, а обвинета е поранешната министерка за култура Елизабета Канчевска Милевска за злоупотреби за тендер за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО.
Случајот „Триста“, за набавката на полициските возила доби судски епилог а во затвор замина поранешниот помошник – министер во МВР, Ѓоко Поповски – истиот кој беше осуден и за Тенк и кој со години беше единствениот осуденик од времето на ВМРО ДПМНЕ.
Тетовското обвинителство, пак, доби старо – нов шеф. Досегашниот вршител на должност, Бесир Алиу, Советот на јавни обвинители денеска го избра за јавен обвинител на ОЈО Тетово. Алиу моментално е дел од петтемина обвинители кои работат на предистражната потсапка за избувнувањето на пожарот во ковид модуларната болница во Тетово.
Советот на јавните обвинители денеска унапреди и уште двајца обвинители во главното, Јавно обвинителство. Станува збор за обвинителите Соња Симовска и Љупчо Коцевски.
Игор Стефановски