РЕГИОН

Бугарија доби влада

Македоснката влада со резерва го гледа формирањето на владата во Бугарија, во контекст на деблокирањето на европскиот пат на земјата. Од извршната власт велат дека се претпазливи, но отворени за дијалог.

„Како Влада упатуваме честитки за изборот на владата во соседна Бугарија, но со оглед на искуството сме резервирани, претпазливи, но и отворени за дијалог на принципиелни основи кои ќе гарантираат заштита на нашиот идентитет и црвените линии“, наведоа од Владата.

Бугарскиот парламент го избра Росен Жељазков за премиер на Република Бугарија, по осум изборни циклуси во период од четири години, во кои немаше стабилна влада. Како што известуваат бугарските медиуми, 125 пратеници гласаа „за“, 114 „против“, без воздржани. Жељазков е адвокат и поранешен министер за транспорт во третата влада на Бојко Борисов.

По преземањето на функцијата, Жељазков зборуваше за приоритетите на неговиот мандат.

„Историјата на продолжени избори што не можеа да резултираат со власт, еднаш засекогаш во еден мандат на владеење, ќе заврши. Првите задачи се поврзани со враќање на довербата во државната администрација и поттикнување на потребната мотивација за нејзино функционирање. Нема време за губење, 100-те дена толеранција поминаа. Нашата задача е да го искористиме државниот механизам со добра синхронизација за исполнување на приоритетите и политичките цели утврдени во договорот“, рече Жељазков.

Опозицијата во Софија е загрижена за позицијата на новата влада во однос на Македонија и тоа го изрази и од собраниската говорница.

„Ќе ги собереме силите конечно да им кажеме во Македонија дека не може да се дозволи српските служби да ја водат Македонија во таква антибугарска кампања. Кога ќе го направите тоа? Сега е моментот“, рече Кончо Ганев, „Преродба“.

Жељазков, барајќи доверба од пратениците, накратко изјави дека ќе бара спроведување на постоечките договори.

„Активни дејствија за проширување на европскиот простор со Западен Балкан, почитувајќи ги сите постоечки договори меѓу засегнатите страни и во согласност со националниот интерес на Бугарија“, рече Жељазков.

Властите во Скопје постојано изјавуваа дека очекуваат формирање на политичка влада во Софија со надеж дека ќе се отвори врата за дијалог меѓу двете страни за можен договор околу деблокирањето на европскиот пат на земјата. Претходните технички влади, но и претседателот Румен Радев, постојано изјавуваа дека нема повеќе потреба од преговори меѓу Скопје и Софија. Според нив, преговорите треба да се водат со Брисел, а Скопје треба да ги исполни условите од преговарачката рамка, односно спроведување на уставните измени.

„Како Влада упатуваме честитки за изборот на соседна Бугарија, но со оглед на искуството сме резервирани, претпазливи, но и отворени за дијалог на принципиелни основи кои ќе гарантираат заштита на нашиот идентитет и црвени линии“, рекоа од Владата.

Фатлуме Дервиши

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button