Бугарија ја потврди својата позиција за Македонија со нова резолуција во Парламентот
Бугарија ја потврди својата позиција за Македонија со нова резолуција во Парламентот

Бугарскиот Парламент усвои нова резолуција со која ги повторуваат старите барања – Северна Македонија ќе мора да ги внесе Бугарите во Уставот и нема да има преговарање за нови договори. Во меѓувреме пак, во земјава се дебатира за носење на резолуција во Брисел со која според власта ќе се потврди многувековниот идентитет на Македонија и македонскиот јазик. Според експертите, таквата потврда од Брисел ќе биде значајна, но не и пресудна дека по неа ќе следуваат уставни измени.
„Дали тоа отвора пат кон уставни измени? Мислам дека е чекор кон уставни измени, дека е единствен и доволен не би рекол, сепак клучниот момент секако е да го заштитиме процесот на проширување од билатералните барања на Бугарија, не само за нас, туку и од билатералните барања за сите земји кандидатки и земји членки и споровите коишто се меѓу нив„, рече претседател на „Социетас Цивилис“, Марко Трошановски .
Премиерот Мицкоски од порано бараше опозицијата да лобира кај своите партнери во Брисел за и тие да дадат поддршка при гласањето за оваа резолуција, нешто што за опозицијата е прифатливо. Меѓутоа, СДСМ изразува сомнеж дека таа нема да биде доволна за власта да ги започне уставните измени.
„Меѓутоа, има едно прашање, што е целта на оваа декларација и дали конечно доколку биде прифатена тоа ќе биде нешто што за премиерот ќе биде доволна гаранција да се почнат уставните измени, поради тоа што се има впечаток дека владата секогаш има некакви принципи и црвени лини, меѓутоа ако тие не важат, имаат и други. На почетокот беше одложеното дејство на уставните измени, понатаму беа пресудите во Стразбург, еве сега декларација во европскиот парламент„, рече претседател на СДСМ, Венко Филипче.
За власта пак, тоа што премиерот побарал опозицијата да лобира кај своите партнери не се лични барања, туку барања кои ќе доведат до општо добро за државата.
„Ова се барања коишто се однесуваат за доброто на Македонија, нешто што значи признавање на многувековниот македонски идентитет и јазик и мислам дека тука не треба да го гледаат како лично барање кон нив туку како обврска да направат се што можат, доколку можат, да лобираат и дадат поддршка ова да биде изгласано„, рече портпарол на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева .
Мицкоски најави дека кон почетокот на јуни пред пратениците ќе се најде извештај во кој се споменува многувековниот македонскиот идентитет и јазик кој што е дел од официјалните јазици на ОН, а гласањето за овој извештај најави дека ќе се случи во јули. Потврдата за посебноста на македонскиот јазик и идентитет за власта ќе значи чекор напред кон евроинтеграцискиот процес на земјава и нов пулс во преговорите со источниот сосед./Алсат.мк
Михаило Донев