
Бугарското Министерство за внатрешни работи до Обвинителството достави предлог за гонење на поранешниот премиер Бојко Борисов, неговата портпаролка Севделина Арнаудова и поранешниот министер за финансии Владислав Горанов, соопшти прес-центарот на бугарското МВР. Од МВР потенцираат дека предлозите за гонење на тројцата се поднесуваат по втор пат, иако обвинителството демантира.
Тие беа уапсени поради злоупотреби во користењето на европските фондови и средства.
Борисов и неговите сопартијци беа ослободени од притвор во петокот вечерта, откако градското обвинителство на Софија (СГП) пресуди дека полицијата нема доволно докази за нивно разоткривање. Борисов и неговите сопартијци беа уапсени во четвртокот и добија 24 часовен притвор.
По истекот на првичниот притвор, софиското Обвинителство одби да им го продолжи за нови 72 часа, со образложение дека истражните полицајци не им доставиле на обвинителите нацрт-уредби за обвинение против тројцата.
Бугарскиот премиер Кирил Петков во петокот на брифинг со новинарите рече дека Обвинителството го саботира процесот.
Министерот за внатрешни работи Бојко Рашков коментираше дека доколку Обвинителството го продолжело притворот, ќе имало можност да се соберат дополнителни докази.
Во меѓувреме, обвинителството во саботата и одговори на владата, отфрлајќи ги наводите на Петков и Рашков дека го саботира процесот. Од Обвинителството покажаа фотографии од материјалите од предистражната постапка, во кои, како што велат нема предлози за притвор.