ВЕСТИРЕГИОН

Бугарската комисија расправа и по изјавата на Ковачевски

Шефицата на дипломатијата во оставка, Теодора Генчовска на сослушувањето во Комисијата за надворешна политика кажа дека билатералниот Протокол меѓу двете земји отстапува од Рамковната позиција на Бугарија, па затоа биле барани гаранции од Европската унија. Споделувајќи детали, таа кажа дека Софија не може да го признае македонскиот јазик, па затоа ќе даде своја унилатерална изјава за јазикот, бидејќи во преговарачката рамка, за македонскиот јазик нема никакви дополнителни одредници, што исто така не е во согласност со бугарски позиции.

„Не е реално да се очекува дека нашата земја е во можност да ги убеди и сите останати земји-членки на ЕУ да го поддржат нашиот став. Северна Македонија предвидува да ја усвои преговарачката рамка во својот Парламент и затоа за нив е од големо значење да нема никакви коментари за македонскиот јазик, во наводници, во преговарачката рамка, за што има поддршка од голем број земји-членки на ЕУ“, рече Теодора Генчовска, министерка за надворешни работи на Бугарија.

Но, токму кога се вжешти расправата за отстапката на Бугарија за македонскиот јазик, пратениците на Слави Трифонов го споделија ставот на Скопје.

„Да видам како ќе гласате сега. Македонците тукушто го одбија францускиот предлог“, рече Тошко Јорданов – пратеник на ИТН.

Расправата во Комисијата продолжи со разгледување на сите три документа клучни за преговарачкиот процес на Македонија, а се очекува подоцна во денот францускиот предлог да се најде на гласање во Комисијата. На расправата и преходеше нова серија вербални расправии меѓу Петков и Борисов.

„Или сте плашливци сите вие кои се обидувате да го префрлите жешкиот компир или сте крадци кои се обидувате да ја разнишате Владата за да украдете милијарди, или сте државници. Ако сте државници расправајте во Комисијата пред целиот бугарски народ и донесете го правилното решение“, рече Кирил Петков – премиер на Бугарија.

„Услуга ви правам, а не замка. Ние тежината на решението ја понесовме вчера и дадовме можност да има одлука. Ние на нашите избирачи ќе треба да им го објаснуваме на долго францускиот предлог и веројатно ќе изгубиме избирачи, но ќе добиеме обединет и силен Западен Балкан“, рече Бојко Борисов – претседател на ГЕРБ.

Доколку Комисијата го одобри францускиот предлог, тој ќе се најде на пленарна седница утре или најдоцна во понеделник.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button