ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарската заедница и МНР заедно ќе работат на смирување на тензиите

Претставници на бугарските организации во земјава и министерот за надворешни работи Бујар Османи постигнале согласност заеднички да работат на намалување на тензиите меѓу Скопје и Софија. Од бугарската заедница велат дека само во порелаксирана атмосфера ќе може да се спроведуваат Договорот за добрососедство и францускиот предлог, за Македонија да може да ги отвори преговарачките поглавја до крајот на годинава.

Advertisements

„Побаравме од министерот и тој она што веќе го работи и ние, да се обидеме да посредуваме да се смират тензиите, затоа што во една експлозивна атмосфера е невозможно да се донесат квалитетни и рационални политички решенија“, рече Ѓорѓи Трендафилов – бугарска заедница во Македонија.

„На средбата, која помина во позитивна атмосфера, беа разменети мислења за прашања кои ја засегаат бугарската заедница во Северна Македонија, предизвиците со кои се соочуваат здруженијата, како и можностите за подиректна и поинтензивна соработка со државата“, велат од МНР.

Инаку, утре истекува рокот до кој беше предвидено бугарските клубови во Битола и Охрид, „Иван Михајлов“ и „Цар Борис III“ да ги променат своите називи за да може непречено да продолжат да работат. Во спротивно им се заканува бришење од Централниот регистар. Неофицијално, до Централниот регистер пристигнало барање од бугарскиот клуб за промена на називот „Цар Борис III“. Од клубот „Иван Михајлов“ пак велат дека ќе ги искористат сите правни лекови, за да го задржат името на клубот. Доколку нема промена на називот, Законот за здруженија предвидува министерот за правда во рок од еден месец да донесе конечна одлука и да му наложи на Централен регистар како да постапува.

Од клубот „Иван Михајлов“ најавија дека ќе поднесат жалба, а правда ќе бараат и во Стразбур. Претходно, новите измени на Законот беа оспорени и пред Уставниот суд. Според подносителите, измените не треба да важат ретроактивно. Измените беа усвоени во Собранието во ноември минатата година, а ги поддржаа пратениците и од власта и од опозицијата. Со нив се забранува здруженија да користат називи со контроверзни историски личности поврзувани со нацизмот.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button