Бугарскиот парламент усвои нова резолуција во врска со напредокот на Северна Македонија кон ЕУ

Бугарскиот парламент усвои резолуција во врска со напредокот на Република Северна Македонија во процесот на пристапување кон Европската Унија. Беше едногласно поддржана со 194 гласа „за“, јавува БТА.
Во резолуцијата, поднесена од Тошко Јорданов (ИТН) и група пратеници, се наведува дека Бугарија останува целосно посветена на европскиот консензус од јули 2022 година и ги повикува властите во Република Северна Македонија строго да ги спроведуваат договорите што ги прифатија.
Во документот се нагласува дека се неприфатливи какви било обиди во рамките на форматите и институциите на ЕУ за повторно преговарање, заобиколување или игнорирање на елементи од веќе постигнатите договори.
Во него се истакнува дека европскиот консензус е договор меѓу земјата кандидат за членство во ЕУ, од една страна и Унијата како целина, од друга страна и затоа не претставува билатерално прашање. Меѓудругото, се истакнува дека европскиот консензус се заснова на Заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, преговарачката рамка на Република Северна Македонија и заедничките протоколи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија за спроведување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, потпишан на 1 август 2017 година.
Националното собрание ги повикува институциите на ЕУ да продолжат со напорите за гарантирање на правата на Бугарите во Република Северна Македонија, како и на другите заедници, вклучително и нивното право да го зачуваат и развиваат своето културно и историско наследство, јазик, сеќавање на предците и идентитет, и да усвојат инклузивен пристап кон чувствителните прашања на националниот идентитет во мултиетничкото општество на Република Северна Македонија.
Во резолуцијата се повикуваат меѓународните организации строго да го следат спроведувањето на највисоките стандарди во областа на заштитата на човековите права во Република Северна Македонија, да реагираат и да преземат соодветни мерки во случаи на насилство, дискриминација, говор на омраза, институционален притисок или други форми на репресија против Бугарите или претставници на други заедници во Северна Македонија.