ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарскиот претседател Радев навести, Бугарија нема да ја прекине блокадата за Македонија

Falume Dervishi

Advertisements

Румен Радев го освои вториот петгодишен мандат како претседател на Бугарија. Во вториот круг Радев доби 66 отсто од гласовите, а неговиот противкандидат Анастас Герџиков 32 отсто. Герџиков имаше поддршка од партијата ГЕРБ додека Радев ја имаше поддршката од победничката партија на парламентарните избори „Продолжуваме со промени“ и коалицијата „Има таков народ“. Во својот победнички говор, Радев ги повика политичарите во Софија да не прават грешки во однос на Северна Македонија.

„Новиот парламент нема право на грешки. Новата влада не смее да се откаже од својата национална позиција, особено кога станува збор за бугарскиот идентитет и историјата и правата на нашите сограѓани надвор од границите.“

Премиерот Зоран Заев меѓу првите му ја честиташе победата на Радев. Премиерот пишува дека во телефонски разговор со бугарскиот претседател се договориле да продолжат со дијалог и меѓусебно разбирање, да барат решенија во име на заедничката европска иднина.

Властите во Скопје силно веруваа дека со завршувањето на изборниот период, Бугарија ќе се повлече од својата блокада.

Но, ставот на Радев изгледа конзистентен од самиот почеток.

„Нема да дозволиме да ни се врзуваат рацете со лобирање и политички и медиумски притисоци. Нема да кажам „да“ додека не видиме стабилен механизам за искоренување на искривената историја и навредливото однесување кон Бугарија од книгите, музеите, спомениците, медиумите и државната политика. Не можам да кажам се додека не се уверам дека нашиот сосед нема да го гради својот идентитет крадејќи ја бугарската историја.“

Тој го кажа истото пред властите во земјава, но и пред меѓународните претставници.

„Не ја правиме ние оваа блокада. Очекуваме реални и одржливи резултати, да се прочитаат копенхашките критериуми за членство, да се сменат учебниците, ова го чекаме четири години од потпишувањето на договорот во 2017 година, спомениците со нивните натписи, музеите, јавните медиуми, да го искоренат јазикот на омраза“.

Ставовите во последните денови од кампањата беа исти.

„Се прашувам зошто се уште се шпекулира дека може да има компромис за да се отвори вратата за почеток на преговорите пред да слушнеме јасни и неоспорени гаранции. Сакам да ги уверам бугарските граѓани и да кажам дека Бугарија не може да каже „да“ пред да престане кршењето на човековите права на Бугарите во Северна Македонија, пред да се исполнат копенхашките критериуми за членство во Европската унија, пред да завршат децениската систематска дебугаризација, да се почитува културното наследство на Бугарите и искоренувањето на говорот на омраза“.   

Потенцијалниот мандатар Кирил Петков изјави дека е потребен друг пристап во преговорите со Северна Македонија, гледајќи не само на историски, туку и на економски и инфраструктурен аспект. Петков ќе го преземе мандатот за формирање Влада во Софија кога ќе го формира парламентарното мнозинство. Вториот мандат Радев ќе го започне на 22 јануари 2022 година.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button