Бугарското обвинителство ја стопира истрагата за трагедијата со Беса транс, ова е причината

Портпаролката на бугарскиот главен обвинител Сијка Милева изјави дека е запрена предистражната постапка за автобуската несреќа во која во автобус на агенцијата „Беса транс“ изгореа 46 лица.
Како што јави Македонската информативна агенција, Милева за бугарскиот медиум БНТ изјавила дека причината за тоа е затоа што бугарските обвинители побарале повеќе истраги и информации од нивните колеги во Македонија.
Милева рече дека досегашните истраги докажале нови факти за тоа што се случило во трагичната ноќ.
Ноќта на 23 ноември 2021 година автобусот целосно изгорел, но не од четирите канти со бензин што ги носел возачот.
Тие не се причина за пожарот бидејќи останале недопрени.
Милева рече дека за неа тоа е голема трагедија, која ќе ѝ остане во сеќавање.
„Ова е случај без преседан и единствен во историјата. Истрагата на местото на несреќата траеше повеќе од 24 часа, почнувајќи во темнината таа ноќ, рано наутро на денот на настанот и завршувајќи во вечерните часови. На овој случај работеа шест истражители и тројца обвинители и само за 10 дена заврши собирањето докази“, коментира Милева.
„Сите пронајдени предмети се вратени, а секој предмет е поединечно запечатен. Извршени се 45 обдукции. Од сите е земен биолошки материјал од кој е извлечен ДНК профилот. Со барање за правна помош до органите на правдата во Македонија, идентификувани се и наследниците на жртвите од кои е земена и ДНК“, додаде Милева.
За утврдување на причината за смртта на патниците, извршено е сложено техничко-форензичко вештачење.
Утврдено е дека најголем дел од загинатите патници починале од тешки изгореници и термички шок.
„Од оцената на вештачењето за настанот, констатирано е дека возачот го управувал возилото со непропорционална и голема брзина, поради што изгубил контрола над автобусот“, изјави Милева.
Таа рече дека извршиле и хемиско вештачење од кое категорично е констатирано дека во автобусот нема траги од експлозивни направи.
Македонските власти, рече и Сијка Милева, целосно соработувале во истрагата за овој трагичен случај.
„Со нив имаме многу добри пријателски и колегијални односи. Им благодарам и на надлежните во МВР и на пожарникарите кои целосно соработуваа со истрагата“, рече Милева.
Според неа, на распит треба да бидат повикани преживеаните во несреќата и роднините на загинатите.
За оваа постапка во Бугарија беа сослушани 30-тина сведоци, меѓу кои возачот на автобусот, преживеаните патници и очевидци.
Сега, според Милева, на ред е македонскиот обвинител.