ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Бугарското знаме запалено во Вевчани

Во крајно наелектризирана атмосфера со зголемено присуство на полицијата, учесниците на вевчанскиот карневал завршија со манифестацијата со традиционално палење на маските, но беше запалено и бугарското знаме.

А, вевчанци се револтирани од вчерашниот однос на полицијата која го растури карневалот откако маскираните самоиницијативно се упатија сред село. Таму вообичаено се одржува карневалското дефиле иако годинава карневалот официјално не се организираше поради корона вирусот, па многу граѓани самите решија да ја одржат традицијата.

„Ова е жално што ни се случи. Толку многу специјалци. Бејрут да беше, немаше да се распоредат…“

„..Немаше потреба од толку полиција. Јас мислам дека е политички затоа што лица што беа приведени не се од сегашната Влада.“

„Сè си беше во ред, сè додека не дојдоа специјалците. Кога дојдоа, тие ја направија сета гужва“, реагираат жителите.

Денеска беше мирно, а полиција имаше само сред село и пред општинската зграда.

И денеска вевчанци маскирани шетаа низ селото. Но, за разлика од вчера не забележавме толку многу полиција. Она што можеше да се види е дека голем дел од маскираните не носеа маски за заштита од Ковид 19.

Градоначалникот на општината вели дека вина за она што се случи има кај сите, но според него, револтот ескалирал бил поради зголеменото полициско присуство.

„…За валцер треба двајца. Можеше да дојде до компромис меѓу полицијата и василичарите“, рече Сашо Јанкоски-градоначалник на Вевчани.

Едно лице вчера беше приведено, по што набргу беше пуштено. Од МВР велат дека во координација со Јавното обвинителство преземале мерки за расчистување на случајот. Велат дека полицајците интервенирале поради непочитувањето на мерките за спречување на ширење на коронавирусот, односно забраната за групирање на повеќе од четири лица.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button