Бујар Османи одговори на критиките од холандскиот амбасадор

Ставот на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп за случувањата во судството и уназадувањето на владеењето на правото, се чини не му се допадна на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Силниот апел на Коп за итен прекин на политичките притисоци врз претседателката на Врховниот суд, партијата на Ахмети го искоментира со против-теза за ветинг, руски и кинески влијанија во регионот, како и со овластувањата на Судскиот совет како највисок судски орган во државата. На Ахмети се чини не му се допадна опомената на амбасадорот Коп, тоа се докажува со тоа што Ахмети не објави фотографија од средбата на својот профил, како што обично го прави на другите средби. Шефот на дипломатијата, Бујар Османи, коментирајќи ја изјавата на амбасадорот, денеска рече дека сè додека не се почнат преговори со ЕУ, секаква постапка е оправдана. Османи дури рече дека ДУИ била консултирана за борбата против корупцијата поради тоа што таа била единствена што се бори со оваа појава.
„Сметам дека не можеме да го достигнеме европскиот стандард. Ние самите можеме да постигнеме балкански стандард. Заклучувам дека без преговарачкиот процес не можеме да го достигнеме европскиот стандард. Овие два процеси се меѓусебно поврзани. Блокирањето на нашиот пат кон ЕУ е директна причина да не го достигнеме тој стандард. Сега овде прашањето е како во случајот кој е постар – јајцето или кокошката? Дали блокадата е причината поради која не го достигнуваме европскиот стандард или тоа што тие не го достигнуваат европскиот стандард е причината поради која не се приближуваме кон ЕУ?“, рече Османи.
Но, албанската опозиција оценува дека изјавата на амбасадорот Коп докажува оти и меѓународниот фактор разбрал дека ДУИ едно зборува, а друго прави.
„Оваа средба беше нова лага на ДУИ за таканаречениот Европски фронт. Јасно е дека дури и меѓународните партнери сфатија дека зборовите на ДУИ не се совпаѓаат со нивните постапки и нивната манипулација е она што ги држи граѓаните на Македонија во заложништво за да бидат дел од ЕУ“, рече Изет Меџити, претседател на Демократското движење.
Холандскиот амбасадор Коп вчера на средба кај Ахмети му приреди студен туш на лидерот на ДУИ. Го предупреди дека две години по ред драстично уназадува владеењето на правото и побара да се запре со политичкиот притисок врз претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми. Во спротивно ќе има силна реакција од Холандија. Таа е земја-членка на ЕУ која може да одлучува за иднината во преговарачкиот процес на С Македонија.
Адријан Керими