Бујар Османи за Бугарија: „Секој да си ја толкува историјата како што му одговара“

„Постои страв дека прашањето ќе се одолговлечи, времето не ни оди во прилог“, тврди министерот за надворешни работи Бујар Османи. Додека евроинтеграциите тапкаат во место, засилена динамика во разговорите со Софија тој очекува по посетата на бугарскиот премиер Кирил Петков на земјава во јануари. Спротивно на претседателот Стево Пендаровски кој порача да не се брза, Османи вели дека ниту брзањето, но ниту забавувањето нема да влијае на квалитетот на решението.
„Бараме нешто што е наше и заслужено и сметам дека не треба да оставиме простор за да полека ова прашање влезе во замрзнат конфликт“, рече Османи.
Османи откри дека Скопје одговорило на „Предлогот 5+1“ и постои согласност Бугарите да влезат во Уставот додека течат преговорите со Брисел. Сепак, за разлика од вицепремиерот Никола Димитров, Османи е резервиран за вклучувањето на Собранието во процесот.
Исто така, министерот е песимист и дека историчарите ќе постигнат било каков договор, па предлага секој да си ја толкува историјата како што му одговара.
„Пристапот на наметнување историја како критериум и договор за една апсолутна историска вистина од пред сто години или пред 70 години мислам дека не е патот којшто две европски држави, држави кои се членки на НАТО, треба да го имаат како една единствена перспектива за соработка“, вели Османи.
На брифингот со новинарите, Османи го оцени како нерационален пристапот со утврдување на историјата и како пример посочи дека поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева барала нов договор во кој ќе пишува дека македонскиот произлегува од бугарскиот јазик, а македонската нација се создала по бугарскиот обид за ослободување од Отоманската империја. Официјално Скопје го одбило ваквиот предлог.
Лука Андреев