Булеварот „Благоја Тоска“ во Тетово се очекува да биде завршен летово

Иако Општина Тетово ветува дека ова лето ќе го заврши асфалтирањето на втората фаза од булеварот „Благоја Тоска“, жителите се скептични дека тоа ќе се случи. Велат дека такви ветувања слушаат повеќе од една деценија, додека работите сè уште не се почнати.
„Не верувам дека ќе се направи, одамна стои вака. Го направија до каде што е, и го оставија. Не верувам, тешко“, велат жителите.
Главната пречка за завршување на булеварот „Благоја Тоска“ беа двајца-тројца жители чии објекти се блиску до патот и треба да се срушат. Општина Тетово вели дека постои договор за отворање на булеварот и асфалтирањето ќе започне следната недела.
„Во моментов сме се договориле со странките да се изврши отворање на булеварот и верувам дека од следната недела општинскиот инспекторат ќе ги отстрани неколкуте објекти што се пречка за отворањето на булеварот. Оваа недела им се обративме на жителите да отстранат што можат, а следната недела ќе интервенира инспекторатот. Имаме договор, додека финансиската компензација сè уште не е извршена, но верувам дека до јули целосно ќе се реализира отворањето на булеварот“, рече Албион Алили, портпарол на општина Тетово.
Изградбата, односно отворањето на булеварот „Благоја Тоска“ започна пред повеќе од десет години, но никогаш не се постигна пробивање во делот кај населбата Дреновец. Општина Тетово лани реализираше две третини од проектот, додека последниот дел, според општината, се очекува да биде завршен во рок од два месеца.
Башким Сулејмани