Бура од критики во јавноста за приватната прослава на ДУИ по повод роденденот на Али Ахмети одржана во државна институција

Роденденската забава на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, организирана во зградата на Министерството за политички систем, која беше свечено пуштена вчера, без почитување на протоколите против ковид 19, предизвика бројни реакции во јавноста. Додека голем број граѓани се казнуваат за не носење маски и е забрането собирање на повеќе од четири лица, на приватната забава на ДУИ во државна институција, никој од 15 – те функционери на ДУИ не носеше маски или држеше растојание.
Бројни критики во јавноста, и за злоупотреба на државните институции за партиски цели и интереси. Од партијата на Ахмети се правдаат дека маските биле тргнати само за да се сликаат. Османи вели дека настанот траел само 10 секунди. Но, на објавените фотографии се забележува дека славењето траело подолго.
„Во делот на пораката, јас признав дека не е добро да се слика без маски, заради пораката која се дава на граѓаните, но немаше повреда на Законот затоа што тоа беше прашање на миг. Протоколите беа почитувани внатре, тоа беше прашање на момент кој не траеше повеќе од 10 секунди и во овој поглед верувам дека сè беше во ред“, рече Османи.
– Дали оваа институција ќе дозволи, ќе му даде ли можност на секој граѓанин, затоа што таа институција е изградена со пари на граѓаните, да може да слави родендени во таа институција?
„Не е точно, погрешно поставувате прашање, бидејќи не е точно, немаше прослава на роденден“, тврдеше Османи.
– А роденденската торта и слично?
„Тоа беше изненадување што никој не можеше да го предвиди“, рече Османи.
Инспекцискиот совет најави дека ќе провери дали се запазени протоколите против ковид 19 или не.
„Комисијата ќе провери дали има повреда на протоколите и ќе бидете дополнително информирани за сè што ќе утврди Комисијата“, рече Магдалена Грашкоска, инспекциски совет.
Откако фотографијата се појави во медиумите, реагираше и ВМРО ДПМНЕ. Од партијата на Мицкоски велат дека ваква злоупотреба на институциите досега не е видена. Реагираше и Алтернатива. Според нив, неприфатливо е граѓаните да бидат казнети затоа што не носат маски, а високи владини функционери да не одговараат за кршење на мерките.
Мефаил Исмаили