
Доколку цената на берзите во јануари се движи околу 150 евра за мегават час, тогаш со сигурност двојно ќе се зголемат сметките на граѓаните за електрична енергија. Професорот Антон Чаушевски не сака да предизвикува паника кај граѓаните, но вели дека освен берзанската цена, удел во крајната цена која ја плаќаат домаќинствата имаат и други фактори како трошоците на енергетските компании, кои според него сега ќе бидат многу високи. Со најавениот интервентен увоз на јаглен за производство на струја, професорот смета дека ефектот ќе биде минимален, а во исто време скап и комплициран процес.
„Цената би отишла дупло повисока, не е само трошокот за увоз на електрична енергија. Има трошок МЕПСО, има трошок ЕВН и дистрибутивната мрежа. Има многу фактори пред да стигне таа електрична енергија до крајните потрошувачи, до домаќинствата“, вели Антон Чаушевски, професот на ФЕИТ.
На политичката сцена вчера се разви дебата и околу најавената набавка на јаглен. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во емисија на ТВ 21 посочи дека подобро било струјата која ЕСМ ја продава на ЕВН ХОУМ и е наменета за граѓаните а чини триесетина евра за мегават час, да се продава на берзите по цени кои надминуваат и 200 евра за мегават час и потоа државата да ги субвенционира граѓаните за плаќање на сметките за електрична енергија. Од Државните електрани излегоа со реакција на предлогот на опозицискиот лидер. Од таму велат дека неговиот предлог нема економска логика и дека само ќе предизвика поскапување на цената за граѓаните.
„Ако АД ЕСМ ја продава електричната енергија на берза за да оствари поголем приход, тогаш ЕВН како снабдувач на граѓаните треба истата електрична енергија да ја купи од берза по уште повисока цена и со висока цена да ја продаде на граѓаните, а притоа да се соочи и со потешкотии да ја набави, што исто така ќе биде на штета на граѓаните“, велат од ЕСМ.
И професорот Чаушевски смета дека предлогот на Мицкоски не е добар, бидејќи на тој начин многу ќе поскапи струјата за домаќинствата. Од Регулаторната комисија за енергетика решија да не го коментираат предлогот на Мицкоски. Поради енергетската криза владата реши да направи интервентен увоз на јаглен за производство на електрична енергија. Поради сериозноста на ситуацијата во живот повторно ќе биде вратени третиот блок на РЕК Битола и ТЕЦ Осломеј.
Иле Петревски