Честитки од државниот врв по повод Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј
Претседателот на државата Стево Пендаровски, претседателот на Собраниието Талат Џафери и премиерот Димитар Ковачевски денеска испратија честитки по повод одбележувањето на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители Свети Кирил и Методиј

Пендаровски во честитката, им посакува на граѓаните големиот празник да го поминат пред сè во добро здравје, исполнети со љубов, среќа и радост.
„Поставувајќи ги темелите на писменоста и духовноста кај словенските народи, Свети Кирил и Методиј извршија подвиг кој им обезбеди статус на светци во црквата, но и неизбришливо место во светската историја поради што со право се прогласени и за заштитници на Европа. Благодарение на нивното дело и ние Македонците, како дел од словенското семејство народи имаме можност и благослов на мајчин јазик да ја развиваме својата култура, уметност, образование, наука. И единаесет векови по нивното упокојување, универзалното дело на солунските браќа ги надминува верските, националните и идеолошките рамки и е пример за хуманизам, алтруизам и правдољубивост“, се наведува во честитката од претседателот Пендаровски по повод 24 Мај, Денот на Свети Кирил и Методиј.
Од име Собранието на Република Северна Македонија и лично, спикерот Талат Џафери во честитката по повод 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј, посочува дека капиталното дело на светите браќа Кирил и Методиј е бесценето наследство за светската наука и култура.
„Оваа порака која ја испраќам од Светата Столица, каде што ја предводам државно-црковната делегација на Република Северна Македонија на традиционалната манифестација во чест на Свети Кирил, е потврда за тоа дека светите апостоли Кирил и Методиј претставуваат столбови на културниот образец на Европа и глобалната духовност и се нераскинлива врска помеѓу нас и светот. Нивните дела во кои е вложен многу труд, љубов и посветеност ја надминуваат рамката на време и простор и имаат вековна значајност. Писменоста, јазикот, знаењето, науката и вредноста на зборот се од непроценлива вредност, како за еден народ така и за светот“, наведува Џафери во честитката.
Честитки за 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, Свети Кирил и Методиј, и посакувам, вели претседателот на Собранието Џафери, патот на нашата земја да биде светол како што е и нивното дело.
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, во името на Владата и во свое име, упати телеграма со честитки во чест на 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј и патронен празник на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, до ректорот, проф. д-р Никола Јанкуловски, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите и до студентите.