Четири компании се пријавиле за стратешки инвеститори

Изборот на стратешки инвеститори нема да биде лесна задача – коментираат економистите. За да се спречат евентуални злоупотреби поврзани со поволностите кои државата ќе ги нуди на овие инвеститори, економистите како клучен фактор ја наведуваат администрацијата која мора да биде обучена за проценка на ризиците. Нивната задача ќе биде не само да оценуваат која инвестиција и е потребна на државата туку да се подготвени и навреме да одговорат на сите барања од компаниите. Економистите се сомневаат дека државата во моментов располага со вакви кадри во министерствата.
„Тимови на експерти кои ќе бидат посветени на оваа задача, бидејќи активностите на овие компании обично се големи, тие имаат не само национална туку сериозна димензија на меѓународна активност и тоа треба да претставува потик за македонскта администрација за зголемување на нејзиниот капацитет за ефикасно опслужување. Се разбира мора да се анализира какви ефекти стратешкиот инвеститор има севкупно за националната економија, не само економски туку и од социјален карактер“, рече Леонид Наков-Универзитетски професор.
Досега 4 инвеститори пројавиле интерес да добијат статус да бидат сратешки. Од нив една е домашна комапнија останатите три се странски. За стратешки инвеститори ќе се сметаат оние кои ќе реализираат ивестиција во висина од најмалку 100 милиони евра на територијата на земјава, односно најмалку 50 милиони евра во градовите, и најмалку 30 милиони во селата. Секој инвестициски проект ќе треба да биде изгласан во собранието за потоа да почне со реализација.
„Секоја потенцијална инвестиција ќе се третира посебно, односно компанијата ќе доставува до Владата предлог на проект и барање на бенифиции и овласувања. Истите Владата ќе ги евалуира и доколку се прифатливи за двете страни за секој од нив Владата ќе носи посебен закон за секоја стратешка инвестиција“, рекоа од Владата.
Стратешките инвеститори според Владата нема да добиваат бенифиции дополнителни од веќе законски утврдената државна помош, туку само ќе имаат побрз процес за добивање на дозволите со што ќе ги избегнат бирократските процедури. Рокот за аплицирање на инвеститорите кои сакаат да добијат статус стратешки трае до 31 јануари 2021.
Во Хрватска ваков закон функционира од 2003 година, има околу 20 стратешки инвеститори. Црна Гора за стратешки ги прогласува инвеститорите кои вложуваат во туризмот, но неколку години наназад имаат проблем бидејќи во нивниот закон инвеститорите беа ослободени од одредени давачи кои потоа остануваат на товар на државата.
Андреа Чобанова