
Постојаните претставници на владите на земјите членки на ЕУ во Брисел претпладнево донесоа едногласна одлука за ново шестмесечно продолжување на санкциите воведени поради руската агресија врз Украина, до 15 септември 2025 година.
„Денеска имаме едногласна одлука за продолжување на постоечките санкции за одговорните за загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина за уште шест месеци“, изјави портпаролката на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Анита Хипер.
Таа додаде дека со ова ЕУ го покажала своето единство кога станува збор за санкциите, како и дека по досега усвоените 16 пакети санкции, сега работи на подготовка и на 17. пакет.
„Многу добро знаеме дека нашите санкции функционираат. Тие ја нагризуваат и осакатуваат руската економија и токму тоа е планираниот ефект, бидејќи она што сакаме да го постигнеме е да се осигураме дека Украина е силна, а Русија нема пари и средства за својата воена машинерија, истакна Хипер.