Членовите на Судски совет треба да одговорат на интерпелацијата

Петмината членови на судскиот совет избрани од Собранието вчера ја добиле иницијативата за нивна интерпелацијата поднесена од пратеничките групи на владејачкото мнозинство. Сепак, денеска не дадоа конкретен одговор на прашањето дали ќе си поднесат оставки ако пратениците им изгласаат недоверба.
„Да, ја примив интерпелацијата вчера, меѓутоа морам да ви кажам дека за став сега не сум спремна да зборувам затоа што сметам дека добро треба да се анализираат наводите од истата. Ја прочитам, но поради обврски за денес, немав можности добро да ја разгледа“, вели Тања Чачарова Илиевска, член на Судскиот совет.
„Нема да остане јавноста без одговори, односно без мое произнесување. Оставката е личен чин и се поднесува оставка само во случај кога постојат оправдани причини за истото“, рече Весна Дамева, член на Судскиот совет.
Согласно деловникот, петмината членови на советот избрани од Собранието имаат рок од 10 дена да дадат одговор и свој став за интерпелациите, а тоа значи дека гласањето за недоверба најверојатно ќе се најде на седница на почетокот на следниот месец. Најавената интерпелација ја потпишаа 67 пратеници, што е шест пратеници повеќе од потребниот број за да им биде изгласана недоверба на членовите Весна Дамева, Миљазим Мустафа, Тања Чачарова-Илиевска, Павлина Црвенковска и Селим Адеми. Сепак, дури и да им биде изгласана недоверба, тоа автоматски не значи нивно разрешување, туку само е механизам со кој се прави притисок самите да си поднесат оставки. Тоа значи дека доколку одреден член на советот реши да не си поднесе оставка тој ќе остане како член на советот без разлика на ставот на пратениците.
Михајло Донев