Членовите на судскиот совет избрани од Собранието остро се противеа за нивните интерпелации кои денеска им беа изгласани во законодавниот дом
Членовите на судскиот совет избрани од Собранието остро се противеа за нивните интерпелации кои денеска им беа изгласани во законодавниот дом

Членовите на судскиот совет избрани од Собранието остро се противеа за нивните интерпелации кои денеска им беа изгласани во законодавниот дом од страна на пратениците од владејачкото мнозинство.
Единствена која својот став го бранеше од собраниската говорница беше членот Весна Дамева, која интерпелацијата ја оцени како незаконска.
“Интерпелацијата е инструмент за политичка контрола и надзор на Собранието, на Владата и на другите носители на јавни функции. Нема ниту едно оправдување почитувани пратеници, ниту при толкувањето на овој институт дека под други носители на јавни функции спаѓаат и носителите на функциите во судската власт”, рече Весна Дамева, член на судски совет.
За членот Тања Чачарова Илиевска, интерпелацијата е спротивна на уставот.
„Мојот став е и тврдам дека сум во право дека интерпелација на судски совет е недозволен акт. Недозволен и против уставен„, рече Тања Чачарова Илиевска, член на судски совет.
На социјалните мрежи се огласи и членот на советот Миљазим Мустафа, кој исто така напиша дека не се согласува со интерпелацијата.
„Мешањето на законодавната власт во работата на судската власт е вознемирувачки преседан кој ја нарушува поделбата на власта, еден од основните принципи на демократијата. Оваа интерпелација, неоснована и општа, не е само обид за дискредитација на мене лично и професионално, туку и напад на независноста на судството во целина„, рече Миљазим Мустафа, член на судски совет .
И покрај ваквите ставови, интерпелациите поминаа, но и покрај изгласаната недоверба, доколку самите членови на судски совет не одлучат да си поднесат оставки, тие и натаму ќе останат на своите позиции./Алсат.мк
Михаило Донев