
Властите тврдеа дека го подготвиле 9-тиот пакет мерки за ублажување на економската криза, а сега велат дека новите антикризни мерки ќе бидат активни од почетокот на ноември. Фатмир Битиќи вели дека собраниската седница ќе се одржи на 19 септември и веднаш штом ќе почне процедурата ќе бидат подготвени мерките, кои според него ќе бидат наменети за најпогодените категории граѓани. Вицепремиерот за економски прашања рече дека Стопанските комори не се консултирани бидејќи помошта не е за нив.
„Антикризни мерки не се носат за трговците за некој некаде да прави пресметки за нешто. Ќе се преземат антикризни мерки за граѓаните, за да им се помогне на оние на кои тоа им е најпотребно денес. Сакаме да се справиме со последиците затоа што последиците ќе ги решаваме институционално. Од последиците денес најмногу штета трпат потрошувачите затоа сметаме дека треба да ги насочиме мерките кон нив“, рече Битиќи.
А, за бизнис секторот, Битиќи рече дека меѓу нив постојат нелојални договори, што предизвикува штета на слободниот пазар. Од тие причини, тој денеска оствари средба со претседателот на Комисијата за заштита на конкуренцијата. Од претседателот на оваа комисија е побарано да излезат на терен за да ги откријат несовесните бизнисмени и да преземат активности заедно со Пазарниот инспекторат и Министерството за економија.
„Не прејудицирам, ниту алудирам на компании и бизнис кланови, но сметам дека постојат одредени договори на одредени трговци и други страни, кои нанесоа штета на слободниот пазар и сметам дека тоа може да се подобри со постапките на Комисијата за заштита на конкуренцијата, ништо повеќе!“, додава Битиќи.
И додека Владата работи на пакетот антикризни мерки, граѓаните секој ден се соочуваат со зголемување на цените. Иако некои владини претставници сугерираа дека трговците се оние кои вршат притисок врз производителите да ги зголемат цените, досега немаше никаква реакција за тоа. Од Министерството за финансии најавија дека од буџетот ќе бидат издвоени дополнителни 74 милиони евра за деветтиот пакет антикризни мерки. Сè уште не е познато што точно ќе содржи. Но, постојано се нагласува дека ќе се поддржат најпогодените категории. Она што досега е познато е дека ќе ги поддржи високите трошоци за електрична енергија.
Аднан Ќаили