ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дали ќе се повлече еколошката такса поради енергетската криза?

Владата не планира да се откаже од новата најавена давачка за граѓаните по основ на еколошка такса, со која се планира поскапување на горивата за 3,5 денари без ДДВ. Предлог законот е во собраниска постапка, и се очекува по завршување на изборниот процес да се најде на разгледување пред пратениците. Со оглед на енергетската криза со која веќе има зголемување на цените на горивата но и на струјата, од Министерството за животна средина велат дека засега не се размислува за одложување или повлекување на овој предлог закон.

„Во моментот нема навестување дека се разгледува можноста за повлекување на предлог измените на Законот за животна средина во кој се предложени надоместоците од нафтените деривати, но тоа не значи дека доколку се процени дека има потреба од ваква интервенција нема да се интервенира. Поднесувач на измените на Законот е Владата. Кога и дали ќе биде прифатен и дали ќе претрпи измени или нема да биде донесен зависи од пратениците“, наведуваат од Министерството за животна средина.

Кај нас со денешната одлука на регулаторната комисија цената на еуросупер 95 изнесува 76,50 денари, еуросупер 98 за 78,50 денари и дизелот за 68,50 денари. Во меѓувреме на светските берзи веќе седма недела по ред расте цената на нафтата која достигна 85,53 долари за барел, што е највисока цена регистрирана во последните три години. Еколошката такса властите ја најавија како мерка од која ќе се собираат пари во буџетот наменети за инвестиции во обновливи извори на енергија.

Но и покрај најавите од Владата дека ќе се пренасочат кон алтернативни извори на енергија, поради рестрикциите на глобално ниво, сега ќе се набавува јаглен од милион и двесте илјади тони. Јагленот важи за нееколошки и не е меѓу обновливите извори на енергија.

Андреа Чобанова

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button