ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дали ќе се вклучи олеснувач во спорот со Бугарија

Дали ќе се вклучи олеснувач во спорот со Бугарија

Mакедонија веќе нема потреба од посредници – политичарите треба да седнат на маса и да ги решаваат предизвиците, велат дел од политичките аналитичари, откако во јавноста се појави информацијата дека белгискиот правен експерт Питер Ванхојте ќе го олеснува процесот на уставни измени меѓу Скопје и Софија. Наводно, тој добил мандат од белгиското европретседателство да биде олеснувач во македонско-бугарскиот спор, кој треба да резултира со продолжување на евроинтегративниот пат за Македонија. Според аналитичарот Синиша Пекевски, наместо посредници, потребен е искрен и државнички пристап и од двете страни.

„Кога ќе види бугарската страна дека македонската страна успешно се справува, а се надевам успешно ќе се справи со корупција, владеење на право и слично, ќе ги намали небулозните барања, а Македонија ќе изврши одредени корекции во Уставот и ќе увидат Бугарите во Македонија апсолутно не се загрозени и ги имаат сите права“, рече Синиша Пекевски – политички аналитичар.

Пекевски очекува дека и Македонија и Бугарија веројатно во наредниов период ќе треба да направат одредени отстапки. Сепак, тоа не го очекува веднаш, зашто Бугарија се подготвува за избори и сите цврсти изјави на властите во Софија дека ќе нема никаква промена на веќе договореното со Скопје, тој ги припишува на предизборието.

„Бугарија е сега моментално во изборен процес и сето тоа би го нарекол изборна шарада, во насока на изјавите што ги даваат бугарските политичари, вклучувајќи го и бугарскиот претседател кој има тврда линија, но во насока на носење на одлуките во надворешната политика, тоа е бугарската Влада. Очекува по завршување на изборите во Бугарија, политичарите да седнат и да ги надминат овие предизвици“, додаде тој.

Ванхојте на јавноста во Македонија и е познат по улогата на посредник меѓу тогашната власт и опозиција за постигнување на Пржинскиот договор. Засега не се соопштени детали за неговата работа во посредништвото меѓу Скопје и Софија./Алсат.мк

Лука Андрев

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button