ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Дали судијата имал докази за да одобри претрес во Финансиска полиција

Дали судијата имал докази за да одобри претрес во Финансиска полиција

Управата за финансиска полиција бара расчистување на случајот преку претставките до Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, поради законските пропусти при вршењето на претресот во канцелариите на директорот Арафат Муареми. Од Управата информираат дека тие од Судскиот совет бараат да се утврди одговорност на надлежниот судија што го одобрил претресот.

Според претставката што е поднесена од Управата, треба да се испита дали постои дисциплинска повреда сторена со намера или поради небрежност од страна на судијата, а која предизвикала тешки последици. Воедно, оттаму бараат Судскиот совет да разгледа по кои индиции и докази се водел судијата при одобрувањето на претресот.

Од Советот пак, неодамна одговорија дека на некоја од следните седници по пат на ждрепка ќе формираат Комисија од три члена, која ќе одлучи дали постапката против судијата ќе продолжи или пак ќе запре. Засега нема најава кога Судскиот совет ќе заседава.

Инаку, Муареми поднесе претставка и против обвинителките што го иницираа претресот, до Советот на јавните обвинители. Од Советот во моментов нема одговор на прашањата на Алсат, кога ќе се разгледува претставката поднесена од Управата за финансиска полиција, како и дали ќе биде земен предвид извештајот што го изготви Обвинителството на Љубомир Јовески, кој констатира низа неправилности во работата на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска.

Неофицијално, ќе се чека дали Јовески ќе покрене посебна претставка, која би произлегла од извештајот. Од Основното јавно обвинителство нема одговор дали неправилностите што ги утврдија ќе ги пријават до Советот на јавни обвинители, како и дали имаат надлежност самите да изречат дисциплински мерки против обвинителките што го извршија претресот.

Претставките се однесуваат на претресот кој го покрена Обвинителството на Вилма Русковска, по добиена анонимна кривична пријава, во Управата за финансиска полиција, по што директорот Арафат Муареми обвини дека Русковска им го руши угледот, предизвикува недоверба на граѓаните во правосудниот систем и ги руши темелите на правната држава. Според него, воопшто не е јасно по кои индиции и докази се водел подносителот на барањето за претрес.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button