Данската премиерка уште еднаш му порача на Трамп дека САД не можат да го анектираат Гренланд

Данската премиерка Мете Фредериксен вчера повторно ги отфрли повиците на американскиот претседател Доналд Трамп за анексија на Гренланд, пренесе ХРТ.
Трамп уште пред преземањето на функцијата во јануари годинава изрази претензии дека сака големиот арктички остров, кој е автономен дел од Кралството Данска, да стане дел од Соединетите Американски Држави.
На прес-конференција со новоизбраниот премиер на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен и неговиот претходник Муте Егед, данската премиерка директно им се обрати на Соединетите Американски Држави.
„Не можете да анектирате друга земја, дури и со аргументот за меѓународна безбедност, рече таа.
Фредериксен рече дека САД и Данска се блиски пријатели и дека не сака ништо друго освен да го продолжат тоа пријателство.
„Ако дозволиме да бидеме поделени како сојузници, тогаш им правиме услуга на нашите непријатели…Но, кога барате да преземете дел од територијата на Кралството Данска, кога се соочуваме со притисок и закани од нашиот најблизок сојузник, што да мислиме за земјата на која и се восхитуваме толку години“, рече таа.
Според премиерката во случајов не станува збор само за Гренланд или Данска.
„Станува збор за светскиот поредок што го градевме заедно преку Атлантикот со генерации“, рече таа.