Даути: Законот за бранители не може да биде ставен на дневен ред на Комисијата за социјална политика

Членовите на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади денеска се состанаа, но повторно не одржаа седница. Пратеничката од СДСМ Јованка Тренечвска инсистираше на дневен ред на оваа трета седница да биде ставен и Предог-законот за бранители, а претседателката на Комисијата Илире Даути од ДУИ објаснуваше дека тоа сега веќе не е можно согласно ставовите 1 и 2 од членот 176 од Деловникот односно дека седницата на матичното работно тело за закон по скратена постапка се свикува и започнува веднаш, но не подоцна од 24 часа ниту порано од шест часа, а ќе заврши во рок од три дена од започнувањето.
Според Даути, нема деловнички можности законот да биде ставен на дневен ред, како и дека не може да се гласа по предлогот. Во дискусијата таа се повика и на членот 9 од Уставот и на фактот дека сите граѓани во државата се рамноправни. Побара од Тренчевска веќе да не ја попречува работата на Комисијата, чија цел, како што посочи, е да им помогне на граѓаните.
– Работата на оваа Комисија ќе продолжи согласно членот 9 од Уставот и Деловникот, рече Даути, која уште еднаш ја прекина работата на седницата и најави нејзино презакажување.