Давкова: Мојата земја, во сè пофрагментиран свет, останува силно посветена на ефективниот мултилатерализам

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова денеска остварила средба со заменичката генерална секретарка на Обединетите Нации, Амина Џ. Мохамед и се обратила пред постојаните координатори на ОН од Европа и од Централна Азија.
Изразувајќи сочувство за трагедијата во Кочани, Мохамед истакнала дека од несреќата, за жал, сите научија голема лекција и сфатија дека може секому да му се случи. Според неа, како што соопштија од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, најдобрата одлука што ја направила државата е што голем дел од повредените биле испратени на лекување во странство. Со ваква голема загуба, посочила таа, ниту една земја не може и не треба да се справува сама.
Разговарајќи за улогата на Обединетите Нации, како организација создадена да го штити мирот, соговорничките се согласиле дека по осумдецениско постоење, неопходно е Организацијата да се реформира во согласност со современите мировни и демократски предизвици.
– Да градиме почитувано и инспиративно лидерство, да ги облагородиме суровиот реализам и силата со идеализам, со право, етика и морал, истакнала претседателката.
Заменичката генерална секретарка посочила дека ОН мора да ги задржат вредностите и принципите на Организацијата и да бидат погласни, со што на сегашните и на идните земји членки ќе им докажат дека има имаат бенефит од членството во ОН.