Деаноски: Опозицијата да не се „лепи“, а обидот на Владата да докажува дека зад протестите има политика ѝ е залуден

Секој обид на Владата или на политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе им биде залуден. Ова денеска го изјави претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), Трпе Деаноски на вториот ден од протестот на вработените во шест министерства и две институции кои бараат зголемување, односно додаток на нивните плати од 30 проценти.
Изјавата на Деаноски, е своевиден коментар на вчерашната прес-конференција на портпаролката на Владата, Марија Митева, која соопшти оти Владата изразува сомнеж дека зад „штрајкот“ стои политичка заднина, која, според нивните оценки, дејствува како продолжена рака на партиите кои досега ги злоупотребувале правата на работниците.
Митева, говорејќи во името на владата рече и дека изненадува фактот што Синдикатот на УПОЗ наместо за дијалог, се одлучил за штрајк како прв чекор и за кој рече дека бил незкоански организиран.
Коментирајќи ги ваквите наводи, Деаноски рече дека сака да ја поправи вчерашната изјава на Владата, бидејќи, како што кажа, од Илинденска број 2 очигледно го помешале Синдикатот на УПОЗ со некој друг.
„За потсетување, Синдикатот на УПОЗ само во 2022, 2023 и 2024 година има организирано три штрајка, најмалку 20 протести, од кои на протестот во месец декември 2023 година над 5 000 вработени од управата и правосудството излегоа на улица и побараа достоинствени плати за живот. А, во 2024 година заедно со Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) имавме само 20 протести. Барањата остануваат исти и апелираме до Владата и ресорните министерства што поскоро да започнеме преговори и да најдеме заедничко прифатливо решение за овој проблем“, рече Деаноски.
Дополнително, тој кажа оти не станува збор за штрајк, туку за протест.
Деаноски упати порака и до опозицијата, на која и порача да не се „лепи на овие протести“, бидејќи овие партии имаа седум години додека беа на власат да го решат проблемот со платите.
„Но, наместо да го решат направија сè што можат да го забранат колективното договарање, па дури и беа првата влада која поништи колективен договор“, додаде претседателот на Синдикатот на УПОЗ.
Прашан дали имале поплаки од некои вработени дека имале притисоци за да не излезат на протест, Деаноски одговори потврдно, но не кажа за кои министерства станува збор.