Дебатата во Комисијата за политички систем помина со тензии околу измените во Законот за Инспекторатот за јазици

Во собраниската Комисија за политички систем се водеше тензична дебата поради шесте амандмани што ги достави Европскиот фронт во врска со измените на Законот за Инспекторатот за јазици, со кои се предвидува укинување на неговиот правен статус. Измените ги предложија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, а амандмани поднесе Европскиот фронт.
„Инспекторатот како механизам за следење на спроведувањето на правото на употреба на јазиците не е едноставна административна институција, туку суштински контролен механизам за почитување на овие основни права. Со предложеното решение за бришење на правниот субјективитет на Инспекторатот се намалува неговата ефикасност и независност“, рече Сали Мурат, пратеник на Европскиот Фронт.
Од Европскиот фронт нагласуваат дека со оваа законска интервенција парламентарното мнозинство се обидува да воспостави целосна контрола врз Инспекторатот, ставајќи го под Министерството за правда и одземајќи му ингеренциите.
Сепак, според пратеникот Бојан Стојановски од ВМРО-ДПМНЕ со измените не се нарушуваат ничии права.
Беким Ќоку од ВЛЕН смета дека измените се направени итно поради проблемите во функционирањето на Инспекторатот:
„Го донесовме ова многу брзо поради итноста, затоа што, како што беше кажано, таму веќе 4-5 месеци вработените се без плати, без здравствено осигурување, не можат да одат на лекар и тоа создава голем проблем. Исто така, таму нема ни средства, на пример, инспекторите немаат гориво за да ги наполнат возилата и да спроведат инспекции, значи не можат да си ја вршат работата“, вели Ќоку.
На ова реагираше пратеникот Талат Џафери од Европскиот фронт.
„Платите таму не се земени не затоа што нема буџет, туку затоа што нема кој да потпише – затоа што нема директор. Таму имаше вршител на должноста кој шест месеци ја вршеше функцијата, но кога требаше да го положи испитот за познавање странски јазици за да може да конкурира за директор со полн мандат – господинот не го положи испитот и не може да биде избран“, рече Џафери.
Инспекторатот за употреба на јазиците моментално е целосно нефункционален. Освен што вработените повеќе од четири месеци се без плати, според извештајот на Алсат, во Инспекторатот нема ни хартија ниту мастило за основни работи. Од септември минатата година, канцелариите на Инспекторатот се преполовени од 6 на 3, а државата со години го игнорира барањето на инспекторите за службено возило. Досега теренските инспекции се вршеле со приватни автомобили и трошоци на самите инспектори.
Суад Бајрами