Декларација за поддршка на Украина денеска пред пратениците

Во Собранието денеска на Комисијата за надворешна политика ќе се разгледува Предлог Декларацијата за осуда на политиките кои го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.
Декларацијата е на предлог на Либерално демократската партија.
Претседателот на Комисијата за надворешни работи, Антонијо Милошоски вчера рече дека се надева дека парламентарните партии ќе се усогласат Собранието да донесе декларација за Украина.
„Најостро осудувајќи го „безобѕирниот” руски напад врз Украина, како чин на агресија кој што го доведува животот на безброј цивили во опасност и во насока на поголема и посилна европска интеграција, заштита на европскиот и светскиот правен поредок заснован на Повелбата на ОН, Завршниот акт од Хелсиншки и другите европски безбедносни и демократски институции. Свесни дека мирот и взаемниот соживот е единствениот начин да се зајакнат демократските темели на државата и на општеството, апелираме до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО“, се вели во Декларацијата.