Дел од наставниците против новиот концепт во образованието

Првото полугодие од учебната 2023-2024 година беше предизвик за речиси сите наставници, велат од Здружението на наставници Албанци. Претседателот Самет Јахиу за Алсат вели дека нарушувањата во воспитно-образовниот процес се резултат на новиот наставен концепт кој веќе пристигнал во шесто одделение. Како што рече Јахиу, меѓу најистакнатите проблеми е интеграцијата на предметите и преоптовареноста на наставниците со административна работа.
„Според мене ова е пропаднат проект, како може тројца наставници да предаваат предмет иако се разделени. Штом детето се приспособува на едниот предмет, после 20 часа почнува со другиот предмет. Мое мислење, не знам од каде ги земаме овие проекти за да ги реализираме, ги уништивме учениците со овие проекти, мене лично не ми се допаѓаат, можеби за некого се добри, но за нас што работиме во пракса, не е добро оваа работа“, рече Самет Јахиу, Здружение на наставници Албанци.
Исто така, Јахиу рече дека загрижува недостатокот на наставен кадар, особено во природните науки.
„Ова навистина не изненадува, бидјеќи иселувањето го прави своето или незаинтересираноста да се работи како наставник, причините не ги знаеме, само знам дека има недостиг од кадар по многу предмети. Ако нема адекватни кадри, принудени сме да земаме неадекватни кадри, не можеме да ги оставиме учениците без учење, иако се знае ефектот од таа работа. Впрочем, сите обврски се преземени од наставникот, наставникот е повеќе администратор отколку што работи во настава, повеќе се занимава со администрација отколку со настава“, додава Јахиу.
Од Здружението на наставници Албанци потсетуваат дека и во ова полугодие се соочиле со недостиг на учебници и бројни грешки во нив. Учениците од основно и средно образование ќе бидат на зимски распуст од 30 декември 2023 до 21 јануари 2024 година. Новост во оваа учебна година е пролетниот распуст од 29 април до 5 мај 2024 година. Учебната година ќе заврши на 17 јуни.
Мелихате Рустеми