Дел од невладините против формирање на претпријатие за Охридско Езеро

Граѓанските организации од Охридско-струшкиот регион се противат на формирањето на јавно претпријатие за управување со Охридското езеро. Сметаат дека тоа ќе биде само уште едно место за вдомување на партиски војници и ништо повеќе. Ова е предвидено со предлог Законот за прогласување на Охридското езеро за заштитено подрачје-споменик на природата, за што денес се одржа и јавна расправа.
„Со овој нацрт предлог закон, што го предлага Министерството за животна средина за прв пат во историјата на Охрид сака да се стави стопан на Охридското езеро.Тие под формата управување во обланда сакаат да има стопанисување со Охридското езеро. Нема да дозволиме формирање на јавни претпријатија под наводници јавно, а ќе биде со партиски луѓе и со партиски интереси“, вели Никола Киселинов, претставник на граѓански организации од Охрид.
Киселинов вели дека има петнаесеттина закони кои го штитат Охрид и Охридското езеро и оти државата доколку сака реално да го заштити истите тие треба да ги спроведе во пракса, а не да се измислуваат нови. Од Хидробиолошкиот завод во чија надлежност е заштита на езерото, го поддржуваат фрмирањето на јавно претпријатие. И други невладини организации дадоа поддршка.
„Тоа беше еден од хендикепите последните години.Немаше тело кое ги спроведува препораките на менаџментот планот и ингеренциите се префрлуваа од една на друга страна.И неможеше да се најде заеднички јазик за спроведување на сите мерки за заштита“, рече Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошки завод.
„Јас мислам дека ќе се води сметка да се примаат стручни лица.Ако не се примаат стручни лица тогаш и управувањето со езерото нема да биде остварено на прав начин“, рече Васил Анастасовски, Друштво за заштита на природата на Македонија.
Инаку Охрид ги одбројува деновиве до 20-ти ноември, кога на генералното собрание на УНЕСКО треба да биде донесена конечна одлука што ќе биде со Охрид, дали Охридскиот регион ќе се најде на листата на загрозени наследство под заштита на УНЕСКО или не.
Мики Трајковски