Демократско движење: Казиноменот Груби да го прекине молкот

Демократското движење бара од вицепремиерот Артан Груби и од ДУИ да го прекинат молкот и да кажат дали прифаќаат или не целосно затворање на казината, исто како во Косово и Албанија. Од оваа тема велат дека ДУИ станала заложник на човек кој го легализира коцкањето за лични интереси.
„Нашиот предлог е утре конечно да се затворат овие места. Ние предлагаме сите да се затворат, додека Артан „казиномен“ со својот потпис отвора интернет казино за да воведе коцкање во нашите домови, во секој дом преку интернет. Значи, ова е разликата“, рече Јетмир Асани, Демократско движење.
Асани оценува дека аргументите на Груби дека со легализирање на онлајн казината ќе се обезбедат повеќе средства за култура, спорт и образование, не се вистинити.
„За секој потег што го преземаме, секогаш мора да се прави крос-бенефит анализа. Оценуваме дека штетата на казината е многу поголема од користа што може да ја донесат за државата“, додава Асани.
Груби продолжува да молчи за обвинувањата и предизвикот на првиот човек на Демократското движење, Изет Меџити, кој побара и понуди поддршка за законско решение со кое целосно се затвора коцкањето. Груби во своето последно појавување изјави дека предложениот Закон за коцкање ќе биде одобрен и дека нема да се укине тендерот за избор на нови компании кои ќе го надгледуваат и спроведуваат онлајн коцкањето.
Тој оценува дека со новиот закон, оваа индустрија ќе се демонополизира и и ќе се стави крај на незаконското организирање на игри на среќа.
Адријан Керими