
Европејците денеска го прославуваат Денот на Европа – 9 мај, одбележувајќи ја воедно и 75-годишнината од Шумановата декларација, која ги постави темелите на денешната Европската Унија и го трасираше патот кон нова ера на просперитет, мир, демократија, солидарност и соработка на Стариот континент.
На 9 мај се чествуваат две годишнини – завршувањето на Втората светска војна во Европа во 1945 година и промовирањето на планот на тогашниот француски министер за надворешни работи Роберт Шуман на истиот датум во 1950 година за воспоставување на единствен пазар за јагленот и челикот произведен во Западна Германија и Франција, која стана позната како Шуманова декларација.
Целта овој план е преку заедничките интереси да се надмине ривалството меѓу Франција и Германија само пет години по завршувањето на Втората светска војна и со така воспоставената солидарност во производството на јаглен и челик јасно да се покаже дека секоја војна меѓу нив би била не само незамислива, туку и материјално невозможна.
Според Шуман, светскиот мир не може да се зачува без вложување креативни напори, сразмерни на опасностите што го загрозуваат, а здружувањето на производството на јаглен и челик „ќе ги промени судбините на оние региони кои долго време беа посветени на производство на воена муниција, од која тие беа најчести жртви“.
– Европа нема да биде создадена одеднаш или според еден план. Таа ќе биде изградена преку конкретни достигнувања кои прво создаваат фактичка солидарност, наведува Шуман во документот.
Врз основа на идејата на Шумановата декларација на 18 април 1951 година Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија го потпишаа Парискиот договор за формирање на Европската заедница за јаглен и челик (ЕСЈЧ), како прва наднационална заедница во Европа. Парискиот договор стапи во сила 23 јули 1952.
При формирањето на Заедницата е оценето дека спојувањето на економските интереси ќе помогне во зголемувањето на животниот стандард, што ќе биде првиот чекор кон пообединета Европа.