Денеска ќе се оперираат двајца преживеани

Направени се две операции вчера, а денеска ќе се направат уште две на патниците кои се згрижени во болницата „Пирогов“ во Софија, откако беа повредени во сообраќајната несреќа на автопатот „Струма“ во Бугарија во која загинаа 46 лица.
„Едниот од пациентите има тешки изгореници на двете раце, поради што ќе мора да се изврши операција, а операција на десното колено треба да се изврши и на едно девојче. Вчера беше извршена операција на колено на еден од повредените“, рече д-р Маја Аргирова, началничка на Клиниката за изгореници и пластична хирургија.
Таа рече дека еден од пациентите се наоѓа во тежок психички шок и дека со него е психолог.
Шест од пациентите се наоѓаат на Клиниката за изгореници и пластична хирургија, а еден од пациентите е во Клиниката за трауматологија.