ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Депонија Буково,миризот неподнослив во летниот период

Депонија Буково,миризот неподнослив во летниот период

Депонијата Буково, уште едно лето останува да биде сериозен еколошки проблем за Охрид.Речиси и да нема ден, депонијата да не чади, а многу често и се пали. Но сторителите никогаш не се фатени,а јавното претпријатие поднесува пријави против непознат сторител .Екологистите предлагаат мерки.

„Најглавните мерки се однесуваат на тоа да се обезбеди физички депонијата, односно да се формира нејзин периметар, да се огради со ограда со височина од 2,3 метри. За да се спречи навлегување на луѓе и диви животни. Добро е да има и постојан мониторинг со термални камери, кои работат на инфрацрвена светлина и ја мерат температурата на депонијата, а кои ќе овозможат брз одговор кога ќе се појават првите знаци на пожар и сето тоа да се комбинира со детектори за чад“, рече Ѓоко Зороски-екологист.

Се предлага на депонијата да има неколку резервоари кои ќе собираат дождовна вода, која би се користела за брза интервенција.

„Но битни се и мерките во однос на видот на отпадот кој се депонира таму. Затоа добро е стаклото да се селектира максимално за да не доаѓа до појава на самозапалување на површинскиот дел од депонијата. Потребно е и гумените материјали колку е можно повеќе да се селектираат“, рече Ѓоко Зороски-екологист.
Од Охрид СОС, велат дека Буково е со висок ризик за животната средина, но како тоа да не ги загрижува институциите.

„УНЕСКО уште во 2017 година бараше до декември 2020 депонијата во Буково да е затворена и санирана. Тоа не беше сторено, делумно поради немање локација за регионална депонија.Во меѓувреме, перманентно гори депонијата Буково, проблем кој се повторува и се толерира долг низ години“, велат од Охрид СОС.

Буково требаше да биде привремена депонија се до изградба на регионална депонија, но таа со години остана да ги труе жителите, а густиот чад и неподносливата миризба се шири кон градот. Изградбата на регионалната депонија за Југозападниот и Пелагонискиот плански регион, кај битолско Новаци треба да почне во втората половина на 2025./Алсат.мк

Мики Трајковски

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button