ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Депонијата во Струга, златен рудник за пумпање општински пари

Повеќе од 800.000 евра, локалните власти во Струга за четири години потрошиле на име одржување и изградба на депонии. Но, наместо санација на просторот и дислокација на постоечката дива депонија на влезот на градот, како што ветуваше струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, потрошена е сума од фантастични 820.000 евра, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

„…Се сомневам дека реално се трошат тие пари за одржување на депонијата. Една иста фирма ја одржува депонијата и на таа ставка се префрлуваат средствата за одржување и изградба на депонија“, рече Ален Деребан-советник на ВМРО ДПМНЕ.

Градоначалникот Мерко не одговараше на телефонските повици на Алсат за да одговори на овие тврдења. Испративме прашање и до неговиот кабинет, но ни оттаму одговор не добивме. Од Алијанса на Албанците велат дека депонијата која ја пратат и судски процеси е извор на загадување на целиот град.

„Зголемен е бројот и на диви депонии во градот и околните села, што е во директна спротивност со рекламираната Зелена агенда“, наведуваат од Алијанса на Албанците.

Граѓаните прашуваат во чиј џеб завршуваат овие пари…

„Мислам дека овој проблем никогаш нема да се реши и долго време ќе трае. Ова мислам дека е направено и со меѓусебен договор.“

„Тоа е сè од народот, сè од нас работниците е тоа. А, депонијата требаше да се тргне од таму. Не го решаваат ова. Ова години ќе е вака. Депонијата беше горе, тие ја донесоа онде, зошто?…за пара за интерес. Местото е негово…“

„…Треба волја, треба кадар, пари, треба контрола на парите“, реагираат граѓаните.

За струшката депонија се води и судски процес во кој Македонското здружение на млади правници ги тужи општината, јавното комунално претпријатие и Министерството за животна средина, дека не направиле ништо за да се реши овој проблем. Бараат судот да забрани понатамошно депонирање на отпад и да ги задолжи тужените институции да го исчистат и ревитализираат просторот. Инаку, за претоварната станица каде требаше да се пресира и селектира отпадот, иако беа потрошени 340.000 евра, таа не профункционира, а изграденото пропаѓа.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button