Дер Лајен повтори, промената на Уставот е предуслов за членство во ЕУ

Со пораки за промена на Уставот, за реформи, но и со најава за пристап на македонските компании на европскиот заеднички пазар и пред зачленувањето во Унијата, претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, ја заврши посетата на Скопје. Таа се надева дека првиот преговарачки кластер„Фундаменти“ ќе може да биде отворен до крајот на годинава, за што пак претходно е неопходно да се имплементираат уставните измени.
„Изборот е кај вас. Затоа длабоко се надевам дека сите партии ќе го зграпчат моментот и ќе ги поддржат уставните измени, зашто се работи за вашата иднина, изборот е ваш и сите партии имаат одговорност за иднината на Северна Македонија. Ние ја сакаме Северна Македонија како членка на Европската Унија и се надевам дека исчекорот напред, кој е добар, е поддржан од широко мнозинство“, рече Урсула фон дер Лејен – претседателка на ЕК.
Сепак, при посетата на земјава, Фон дер Лејен изостави да се сретне со опозицискиот лидер Христијан Мицкоски и кажа дека е предвидено да оствари средби само со претседателот и премиерот.
Од друга страна, зборувајќи за евроинтегративниот пат, на одговорност повика и премиерот Димитар Ковачевски, кој истакна дека со своите коалициски партнери ќе работи на, како што вели, остварување на сонот за членство во Унијата до 2030 година.
„Сите треба да си ја земат одговорноста во свои раце, меѓутоа пред сè одговорноста пред сегашните и пред идните генерации. Со вакви работи не се калкулира, со вакви работи не се прави личен политички рејтинг, со вакви работи не смее да се игра со емоциите на граѓаните, бидејќи тоа ќе значи само повторување на оној лош филм, којшто го гледавме 11 години во државата“, рече Ковачевски.
Фон дер Лејен сепак потсети дека процесот на пристапување се заснова на заслуги, односно на реформи во јавната администрација, во јавните финансии, за независност на правосудството и борба против корупцијата.
„Никој не мора да чека за одреден датум. Можете и побрзо. Колку е подобар реформскиот процес, толку е побрза можноста за пристапување“, додава Фон дер Лејен.
Претседателката на Комисијата додаде дека токму реформите ќе носат и инвестиции. Фон дер Лејен во Скопје го презентираше и новиот План на ЕУ за раст на Западен Балкан, кој се очекува да се реализира од јануари. Со планот се предвидува отстранување на трговските бариери за земјава кон ЕУ, пристап на заедничкиот пазар, а на располагање за стратешки проекти за регионот Брисел обезбедил шест милијарди евра, но сите тие се условени со претходно спроведени реформи.
Лука Андреев