Деребан: Груби сѐ уште не е лоциран, контактираме со сите надлежни институции

Заменик министерот за правда, Ален Деребан, вели дека директните контакти со институциите во Косово за приведување и екстрадиција на Артан Груби и Перпарим Бајрами ќе се спроведат во моментот кога ќе се докаже дека се таму. Деребан не може да потврди дали Косово е крајната дестинација на Груби. Тој во интервју за Алсат вели дека заминувањето на Груби непосредно пред обвинението за случајот „Лотарија“ не е пропуст на државните институции, туку на поединци, кои, според него, ќе сносат одговорност.
„Ја следиме целата ситуација и во контакт сме со сите надлежни органи и сите кои можат да помогнат во спроведувањето на процедурите“, изјави Деребан.
Прашање: Дури и со надлежните правни институции на Косово?
„Во контакт сме со сите со кои треба да соработуваме. Ќе оствариме официјални контакти со министерството на таа земја каде ќе добиеме информација дека е лоцирано или приведено лицето по кое е распишана меѓународна потерница“, одговори Деребан.
Прашање: Сепак, логичен чекор би бил да се тргне од Косово?
„Доколку се докаже дека е на Косово или ако добиеме информација дека е приведен на Косово, нормално ќе започнеме постапка за екстрадиција“, рече Деребан.