
Лидерите на Западен Балкан, претставници на ЕУ и поддржувачи на процесот од редот на земјите членки, се собраа во Берлин на 10-годишнината од почетокот на Берлинскиот процес. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, рече дека проширувањето се врати како приоритет на ЕУ, а планот за раст на земјите кандидати и Косово е чекор поблиску до заедничкиот пазар со Унијата.
„Ни требаше мост помеѓу заедничкиот регионален пазар и заедничкиот европски пазар и овој мост е нашиот план за раст за Западен Балкан, инвестиција од 6 милијарди евра. Планот за раст и Берлинскиот процес се испреплетени. Со планот за проширување ги отвораме вратите за различни сектори на единствениот пазар на ЕУ и за да го искористиме, земјите од Западен Балкан треба да спроведат одредени реформи “, рече Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија .
Германскиот канцелар Олаф Шолц, како домаќин на самитот, повика на враќање на дијалогот меѓу Косово и Србија.
„Потребна ни е нова динамика… би им рекол на пријателите од Белград и Приштина денес: Ве молам, не дозволувајте минатото да ве задржи на патот кон мирна и просперитетна иднина. Убеден сум дека оваа иднина лежи во ЕУ и постои само еден пат што води таму: целосна имплементација на постигнатите договори “, нагласи Олаф Шолц, Канцелар на Германија .
Берлинскиот процес започна во 2014 година со цел поблиска соработка на земјите од Западен Балкан. Меѓу прашањата што постојано се дискутираат се оние за Заедничкиот регионален пазар и за забрзување на економскиот раст и создавање работни места преку слободно движење на луѓе и стоки. Ниту еден од нив не се реализира според динамиката и првичниот план. Единствено достигнување досега е договорот за роаминг или постепеното укинување на тарифите за мобилни телефони и интернет, кој стапи на сила во 2023 година./Алсат.мк
Фатлуме Дервиши