ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Детектор: Македонските граѓани сакаат членство во ЕУ, но не по цена на Бугари во Уставот

Македонските граѓани поддржуваат членство во ЕУ но не по цена на внесување на Бугарите во Уставот, покажува последното истражување на јавното мислење кое за Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања, Скопје.

Според него, доколку утре има референдум 60,2 отсто од граѓаните ќе гласаат за членство во ЕУ додека 28,7 отсто  би гласале против.

Интересно е што анкетата оваа година покажува најголем број на граѓани кои би гласале против. Ова прашање го поставуваме веќе четврти пат во последните пет години. Ако во 2019 против биле само 17,3 отсто, денеска таа бројка порасна до 28,7 отсто.

– Најголем дел од граѓаните или 31,7 отсто сметаат дека Македонија никогаш нема да влезе во ЕУ. 18,1 отсто очекуваат тоа да се случи во следните пет години, 15,9 отсто во следните 10, а 14,8 отсто очекуваат влез во ЕУ во следните 15 години, покажува истражувањето.

Сепак, како што се посочува, повеќе од две третини од граѓаните се подготвени да го жртвуваат членството во ЕУ доколку до таму единствениот пат е внесување на Бугарите во Уставот.

– Дури 69,5 отсто од анкетираните сметаат дека новата Влада не треба да прифати внесување на Бугарите во Уставот дури и по цена на одложување на почетокот на преговорите со Европската Унија. Во спротивното, убедени се 21 отсто од анкетираните, се наведува истражувањето.

Во таква ситуација, очекувано, 55,7 отсто од граѓаните велат дека се против преговарачката рамка договорена со францускиот предлог а поддршка даваат 28,1 отсто.

-Значителни се разликите по ова прашање меѓу Македонците и етничките Албанци. Додека 63,5 отсто Македонци се против преговарачката рамка а поддршка даваат само 11,6 отсто, кај етничките Албанци ситуацијата се спротивна. 55,9 отсто од етничките Албанци даваат поддршка на преговарачката рамка креирана според францускиот предлог додека 22,7 отсто се против, покажува истражувањето.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button